65,6 милиони луѓе биле принудени да си заминат од своите домови во 2016-та
20-ти јуни се одбележува како Светскиот ден на бегалците. До крајот на 2016 година, 65,6 милиони луѓе биле принудени да си заминат од своите домови поради воен конфликт или прогон. Германија е една од земјите која прими многумина кои решија да побараат спас во европа.

Бегалските семејства во источен Берлин се сместени во над 60 стана. Повеќето се од Авганистан, Ирак и Сирија, но има бегалци и од Саудиска Арабија, Косово и од Иран. 37-годишниот Калаф Дарвиш е од Ирак, а во Германија живее веќе година и пол. Со него се и сопругата и седумте деца. Сите добија статус на бегалци освен 13-годишната ќерка поради недоследности во личните податоци.
„Благодарен сум им на властите на Германија, но и на народот зашто ми помогнаа да побегнеме. Сместувањето ни помогна многу“, вели Калаф Дарвиш.
Еден од поголемите проблеми со кои се соочуваат новите бегалци е процесот за регистрација.
„Имав многу проблеми со социјалното. Во канцеларијата имаше само еден вработен, така што чекавме неколку дена за да стигнеме на ред и да им објасниме што се случува“, изјави Ахмед Ал Далави.
Но, за Ал Далави, чекањето се исплатеше зашто сега се чувствува безбедно во Германија.
Изучувањето на германскиот јазик е тежок процес, особено за повозрасните. Дојденците мора да најдат и работа, а од администратитвни причини овој процес може да потрае и со месеци.
„Во почетокот ми беше многу тешко, не можев да добијам работна дозвола. Чекав околу 8 месеци“, изјави Абдел Рахман Алали, педијатар од Сирија.
Од 2015 година, во Германија стигнале над 1,2 милиона бегалци. Антимигрантските чувства и ксенофобијата се зголемуваат, а владите во Европската Унија носат парцијални решенија за бегалската криза. Расте и бројот на жртвите-бегалци кои се обидуваат преку Медитеранот да дојдат до Европа.
Крајот на воените конфликти на Блискиот Исток не е на повидок. Според извештајот на Обединетите Нации, лани 65,6 милиони луѓе биле принудени да си заминат од своите домови поради војна или прогон.
Маја Филдишев
