Груевски- Жбогар: Македонија е премногу долго надвор од европските процеси

20.06.2017 14:39

Груевски на средбата со Жбогар посочил дека членството во Европската унија претставува стратешки интерес за државава, како и исполнувањето на високите критериуми, потребни за напредок на интеграциските процеси.

„Македонија е премногу долго надвор од европските процеси. Потребно е валоризирање на досегашните реформи, напори и достигнувања, направени на планот на интеграциите“- ова е пораката која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, му ја пренел на евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Посочил дека членството во Европската унија претставува стратешки интерес за државава, како и исполнувањето на високите критериуми, потребни за напредок на интеграциските процеси.

Најавил дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има проактивна улога во интеграцискиот процес, ќе ги поддржува понатамошните реформи кои се важни за членството во Унијата, но ќе внимава и под плаштот на реформите да не се направи обид да се протнат решенија кои не се добри за државава и граѓаните од кој било аспект.

Според ВМРО-ДПМНЕ, со доаѓањето на СДСМ на власт има растечка тенденција на партизација на медиумскиот сектор, политичко- судски прогони и заплашувања, притисоци преку СЈО, цензура или автоцензура на сопственици на медиуми, уредници и новинари.