Граѓанската иницијатива „5 до 12“ повторно со шатори пред Собранието

20.06.2017 15:08

Граѓанската иницијатива „5 до 12“ повторно со шатори пред Собранието во паркот „Жена борец“. Срочени се барањата за законски измени со кои сметаат дека ќе им се подобри животот на луѓето со хендикеп, попреченост или со посебни потреби...

Рaзлична е здравствената состојба на децата на Добринка и Лиле, но нивната болка е иста. Не можат да им помогнат. Објаснуваат дека нема доволно дневни центри за аутизам, а оние пак, со хемофилија никој не сака да ги вработи.

„После нашиот живот што ќе биде не знаеме, нема каде да ги оставиме, нема ниту сега. Јас го носам во средно, тоа е школо како и другите. Моментално е дома, нема што да прави. Да има центар, ќе го однесам, ќе одам на работа, таму ќе се занимаваат“, вели Добринка Војдиноска, родител.

„Нашиот инвалидитет не е видлив, имаме различни потреби. Имаме посебен додаток до 26 години, а потоа излегува дека немаме хемофилија, ни се скратува се, дури и партиципација некаде треба да се плаќа. Нема предност за вработување, поради тоа што имаат хемофилија“, изјави Лиле Рајчевска, родител.

Родителите предлагаат решенија, и ги пренесоа на министерката за труд и социјална политика. Велат, сакаат да бидат партнери со институциите, подготвени се за соработка.  

„Приоритетно беше и самохраните родители да се изедначат со згрижувачите, ќе видиме дали и тоа ќе биде. Ќе се бара начин како на овие родители да им се помогне“, вели Сузана Стојановска, родител.

Една од неопходните мерки за решавање на проблемите на лицата со посебни потреби и нивните семејства е создавање регистар.

„Договоривме дека административната бариера за преминување на посебниот додаток во додаток за туѓа нега, ќе се тргне со законска измена“, изјави Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Стручен кадар кој ќе помогне во грижата за децата со посебни потреби, квалитетна терапија, се само дел од проблемите кои треба да се решат.

„Време е веќе сите овие 120 пратеници, министри, бизнисмени, сите да дојдат тука, да ги споделиме проблемите, а не само да останат на хартија“, изјави Ксуарет Алиша.

Да покажеме дека и нашите деца можат, ако им се даде можност и им се обезбедат услови, велат од граѓанската иницијатива „5 до 12“, кои три дена секој месец кампуваат пред Собранието за подобро утре на нивните деца.

 

Наташа Јанчиќ