Земјоделците незадоволни од откупот на праските, министерството најави решавање на проблемот

20.06.2017 15:59

Ниската откупна цена и немањето пласман за родот ги извади овоштарите на улица. Еден час го блокираа патот Росоман- Прилеп и се заканија со радикализација на протестот. Ресорното министерство најави дополнителна субвенција за решавање на проблемот.

Ниската откупна цена и немањето пласман за годинашниот род праски беа причини земјоделците еден час да го блокираат регионалниот пат Росоман- Прилеп. Незадоволните овоштари истурија и праски на патот, а најавија радикализација на протестите, доколку не се реши нивниот проблем.

„Да се помогне да можеме да го решиме проблемот со пласманот. Имаме сериозен проблем, немаме купувачи, праската не оди. Не е како минатата година, цените се ниски. Критериумите на рускиот пазар се зголемени, не можеме веќе да настапиме. Да дојдат тука, да седнеме да разговараме и да се обидат да ни го решат проблемот“, вели Игор Милошевиќ, претседател на Здружението на овоштари „Росоманска долина“.

Локалните власти велат дека годинава цената е рекордно ниска. Гајба праски за домашен пазар се плаќа 50 денари, извоз нема, а земјоделците само гајбата ја плаќаат 25 денари.

„Навистина се соочуваат со еден страшен проблем на рекордно ниска откупна цена. Ние земјоделците препознаваме дека нешто се случува, затоа што критериумите и квалитетот на праските е ист. Се бараат некои поголеми критериуми кои не може да се исполнат максимално, заради тоа ние не можеме да иазвезуваме. Се гледа дека нешто е намерно блокирано“, изјави Сојанче Лазов, градоначалник на Росоман.

Лазов најави седница на Советот на општината и побара од ресорното министерство и од Владата интервентно решение, односно изнаоѓање алтернативни пазари. Земјоделците велат дека имаат непотврдени информации за увоз на праски од Грција и од Албанија и се заканија дека ќе ги исечат дрвцата со праски.

Реагираше Министерството за земоделство. Упати до Владата предлог за дополнителна субвенција од 6 денари за килограм праски предадени на откуп со понизок квалитет. Се планира да бидат опфатени над 500 поединечни производители, односно над 400 тони праски кои ќе бидат предадени на откуп во периодот од 12-ти до 30-ти јуни по цена до 5 денари за килограм. Според министерот Николовски овие мерки се изнудени од две причини.

„Прво системот за наводнување во делот на Росоман 20 дена бил во дефект, не биле преземени мерки за да се пушти вода од системот, но и поради неповолните климатски настани, односно измрзнувањето кое што настана за што се уште немаме добиено информации за конкретните записници кои се доставени од Комисииите до Министерството“, вели ресорниот министер Љупчо Николовски.

Претходните денови праските се откупуваа по цена од 18 до 20 денари килограм и Николовски очекува квалитетните плодови да постигнат соодветна цена, а со дополнителната субвенција ќе се покријат производствените трошоци на овоштарите.

Свето Николовски