Рекордниот извоз-поттик за винарите

12.02.2014 18:17

Македонското вино минатата година скоро двојно повеќе им го подобрувало расположението на странските граѓани.

Лани, сме извезле рекордни 885.331 хектолитри што во споредба со периодот од 2007-2012 година е поголемо за 48 проценти. Од уживањето во плодовите на домашното виногорје во македонија се слеале 50 милиони евра. Винариите велат дека, освен квантитетот, лани виното имало и одличен квалитет.

-Тоа дополнително ги предизвика купувачите од пазарите надвор од Македонија, да веќе при крајот на септември ги побараат сите расположливи количини со вино кои што можеа да се понудат, вели Делчо Балтовски- сопственик на винарска визба.

Лани извозот на вино во ЕУ е зголемен за 45 %, а просечната цена е зголемена за 10 евра по хектолитар во споредба со лани. Загарантираната откупна цена на грозјето, од страна на ресорното министерство, според Балтовски, ја придвижила пазарната спирала.

-Овој потег на гарантирана откупна цена, предизвика мало зголемување на цената на коштање на виното. Но, беше очигледно дека беше направено во вистински момент, најголем дел од виното е веќе пласирано, значи постигнат е успех, вели Балтовски.

Тројно е зголемена количината на извезено вино во шише. Од 2005 година кога изнесувала 5,5 милиони литри сега достигнува количини од околу 17 милиони литри. Балтовски смета дека тука помага многу светската саемска промоција со помош на министерството за земјоделство. Традиционални пазари остануваат ЕУ, екс- југославија, но и Канада, Сад, а во последно време Кина, но и пазарите во Индија.

Сонцето денеска ги крие зраците, ги штеди за наредната сезона, кога винариите очекуваат повторно одлична година. Тоа е вистината, во виното е вистината.

Катерина Давчева