Нема условување на субвенциите со платен данок
Решен е проблемот со условот за исплатата на субвенции кои земјоделците не можеа да ги добијат, доколку имаат неплатени долгови кон Управата за јавни приходи. Нивната условеност е одложена и нема да важи за финансиските програми за 2017-та година.

Земјоделците ќе ги добиваат субвенциите без разлика дали имаат чисти сметки со Управата за јавни приходи. Условот со кој земјоделските стопанства не треба да имаат неплатени даноци и придонеси кон УЈП се одложува.
Овој беше проблем уште од 2015-та година поради што се закочи реализацијата на финасиска подршка во земјоделството и руралниот развој, односно не можеше да се исплаќаат ниту субвенциите, ниту мерките за финансиска помош за инвестициите во земјоделските стопанства.
Како услов, земјоделците да ги добијат парите од државата остана само обврската да се плати долгот кон Министерството за земјоделство за закуп на земјоделско земјиште, водарина, пашарина и за јапонската помош.
Доколу обврските не се платени, земјоделците нема да останат без субвенции бидејќи е предвидена и можноста за нивно пребивање со заостанатиот долг.
Методија Трајков
