Идентификуван напаѓачот од Брисел

21.06.2017 12:48

Идентификуван е сторителот на терористичкиот напад на централната железничка станица во Брисел. По активирањето на експлозивот, полицијата го застрела 36- годишниот Мароканец. Нема повредени цивили...

Осомничениот напаѓач на централната железничка станица во Брисел е идентификуван како 36-годишен Мароканец од област позната по голем број џихадисти. Одамна и бил познат на полицијата, но никогаш не бил поврзан со слуачи на тероризам. По активирање на експлозивот, бил застрелан и усмртен од полицијата. Во нападот нема повредени.

„Беше низок, носеше бела блуза, имаше и количка со него. Носеше и појас кога стигна на платформата. Кога се случи експлозијата, издадовме наредба за евакуација“, изјави Николас Ван Херевеген, вработен на станицата.

Белгискиот премиер Шарл Мишел изјави дека се преземени дополнителни безбедносни мерки на јавниот простор и поважните настани. Не е откажан ни концертот на групата „Колдплеј“.

Заканата од трето ниво останува непроменета. Воведена е во 2015-та година и означува дека постои можност од терористички напад.

Лани Исламска држава изврши напади во подземната железница и аеродромот во Брисел при што загинаа 32 лица.

Слични инциденти се случија и во Велика Британија и во Франција.

Маја Филдишев