Повторно Холанѓанец, сега Гротхуис!
Иако не се специјалисти за спринтерските дисциплини, холандските лизгачи ја продолжија жетвата медали и на кратките патеки во Сочи.

Стефан Гротхуис на Холандија и го донесе првото олимписко злато на 1000 метри и со 32 години го постигна најголемиот успех во кариерата, како надградба на светската титула од 2012-та и четвртото место во Ванкувер.
За реприза на мундијалската трка од пред две години во Херенвеен се погрижи Канаѓанецот Дени Морисон кој за среброто задоцни само четири стотинки. Морисон е единствениот нехоланѓанец што во Адлер Арената приграби медал во досегашните три трки во машка конкуренција.
Од четворицата фаворити пак, медал освои само олимпискиот првак на 500 метри, Холанѓанецот Мичел Мулдер. Имаше 35 стоти делови послаб резултат од шампионскиот, за 92 медал за Холандија во олимписката историја на брзото лизгање или за 10 од вкупно 15-те во петте натпреварувачки дена.
На мразот во Сочи полека почна да истекува времето на големиот Американец, светскиот рекордер Шејни Дејвис кој до денеска беше двоен олимписки првак, а заврши како осми. Неочекувано слабо лизгаа и мундијалскиот шампион, Казахстанецот Денис Кузин кој се пласираше на седмото и најдобриот спринтер, Кореецот Тае Бум Мо кој го освои 12-то место.
