Саудискиот крал Салман го назначи својот син Мохамед за наследник
Саудискиот крал Салман го именуваше својот син Мохамед Бин Салман за наследник. Младиот принц ги задржува досегашните функции. Најави амбициозен план за развој на земјата наречен „Визија 2030“, а се подготвува и да продаде дел од нафтената компанија во државна сопственост „Сауди Арамко“.

Саудискиот крал Салман, го прогласи својот син, 31-годишниот принц Мохамед бин Салман за наследник на престолот на местото на својот роднина, принцот Мохамед Бин Најеф. Младиот активист ќе го води кралството кое се справува со ниските цени на нафтата, ривалството со Иран и конфликтите на Блискиот Исток. Неодамна заливските земји создадоа и блок кој почна кампања за изолирање на Катар поради поддршка и финансирање на тероризмот.
„Очекувавме промена на власта веќе подолг период. Доаѓањето на младиот принц значи продолжување на решителната надворешна политика и силниот сојуз со Обединетите Арапски Емирати во исполнувањето на заедничките цели, како што се борбата против независните политички исламистички движења, меѓу кои е и Муслиманското братство“, изјави Кристин Диван, Институт на заливските земји во Вашингтон.
Кралскиот декрет значи дека 31-годишниот принц ќе биде и вицепремиер, а ќе продолжи и да ја врши функцијата на министер за одбрана. Бин Салман е одговорен за водење на војната во Јемен, ја диктира енергетската политика и управува со советот надлежен за економијата на земјата. Неговата популарност во татковината постојано се зголемува, особено меѓу младината на Саудиска Арабија.
Неефикасните службеници во владата ги замени со помлади колеги образовани во западните земји. Најави и амбициозен план за развој наречен „Визија 2030“, а се подготвува и да продаде дел од нафтената компанија во државна сопственост Сауди Арамко. Одржувањето на односите со Вашингтон и администрацијата на Трамп му се важни.
Кралот Салман го презеде тронот во 2015 година по смртта на полубратот Абдула бин Абдул Азиз.
Маја Филдишев
