Обвинувања меѓу власта и опозицијата за продолжување на породилното отсуство
Продолжуваат обвинувањата меѓу власта и опзицијата за продолжувањето на породилното отсуство. Според ВМРО-ДПМНЕ надлежните се обидуваат да ја задушат граѓанската иницијатива. Од парламентарното мнозинство велат дека треба системско решение на проблемот.

Владата нема капацитет да им излезе во пресрет на барањата на граѓаните и да ги исполни дадените ветувања за продолжувањето на породилното отсуство од 9 на 18 месеци,тврдат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, Владата се обидува да ја задуши граѓанската иницијатива.
Според мнозинството, ова е популистичка мерка и тие не дале предизборно ветување дека породилното ќе биде продолжено на 18 месеци. Велат дека се за системско, а не за парцијално решение, колку мајката треба да биде со детето или двата родитела.
Пратениците се согласуваат дека продолжувањето на породилното отсуство од 9 на 18 месеци би значело товар за буџетот, но сметаат дека треба да се бара решение.
Сегашниот Закон за работни односи предвидува работничката да има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеци непрекинато, а ако роди повеќе деца одеднаш, 15 месеци.
Наташа Јанчиќ
