Исплатливи енергетски вложувања

Обновиливите извори на енергија во иднина ќе бидат поевтини

22.06.2017 10:40

Побарувачката на енергијата во светот до 2040-та ќе се зголеми за 58 проценти поради зголемувањето на населението. Според најновиот енергетски преглед на „Блумберг“, државите во светот вложуваат во обновливи извори на енергија што ќе бидат поевтини за 15-тина години...

Соларната енергија и енергијата од ветар брзо ќе се шират до 2040-та. 48 проценти од енергијата ќе се произведува од сонцето. Европа ќе инвестира во обновливите извори на енергија 40 милијарди годишно, со што половина од производството на енергија во 2040-та ќе биде соларна. 

„Во не многу далечна иднина ќе биде економично насекаде да се стават соларни панели на крововите. Ова ќе биде ограничено само од можноста на градбите и изложеноста на сонце“, изјави Себ Хенбестексперт за енергија на „Блумберг во Лондон.

Инвестирањето во производство на енергија од ветар ќе расте побрзо од инвестирањето во соларната енергија.

„Поголемите проекти за ветерници се поекономични бидејќи има помал број на поголеми турбини. Градбата на ветерници долж бреговите ќе биде попрактична бидејќи нема спорови со приватни имоти“, вели Хенбест.

Добивањето енергија од јаглен ќе опаѓа во развиените држави. Енергијата од гас во Европа ќе биде само резервен извор на енергија. Користењето на електрични автомобили во светот ќе се зголеми за 13 проценти, поради што ќе порасте побарувачката на литиумски батерии.

За 15 години, производството на енергија од сонце и ветар ќе биде поевтино од производството на енергија од јаглен и гас.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ