СОЧИ 2014

„Викинзите“ доминираа во „Бољшој“

12.02.2014 21:13

Швеѓаните покажаа дека ланската светска титула не е случајна ...

Беа моќни, разиграни, тактички зрели. Швеѓаните покажаа дека ланската светска титула не е случајна и направија голем чекор кон четвртфиналето на машкиот хокејарски турнир. 4-2 за нив во првото дерби.

Чесите не можеа да парираат. Карлсон и Берглунд рано го совладаа Ковар за 2-0, а веднаш по првата пауза погоди и Зетерберг. Селекторот Хадамчик ја призна грешката и откако го прати Салак меѓу стативите, олимпискиот првак од Нагано влезе во потребната стабилност. Но веќе беше доцна.

Со вториот проектил од сината линија, Карлсон зголеми на 4-0 и покажа дека Шведска има наследник за Лидстром. За да биде поинтересно во „Бољшој“ домот, Зидлицки и Јагр го совладаа Лундквист, ја вратија самодовербата во чешкиот табор, иако тоа немаше позначаен резултатски ефект на ова олимписко деби.

Во другиот дуел од групата „Це“ Швајцарија ја совлада Летонија со 1-0. Светскиот вицепрвак го реши мечот преку Мозер на осум секунди до крајот.

Утрешната програма содржи четири натпревари. Дербито е меѓу Американците и Словаците.