Груевски: Не ни треба одмрзнување на условената препорака, туку преговори за членство
Македонија предолго чека за заслуженото членство во ЕУ, истакнал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во Брисел. Не ни треба одмрзнување на условената препорака, туку преговори за членство- вели Груевски. Тој од првиот човек на Европскиот совет Доналд Туск и од претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, побарал конкретни решенија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска и утре учествува на Самитот на Европската народна партија во Брисел која владее во 12 европски земји.

„Македонија предолго чека за заслуженото членство во ЕУ“- ова е пораката која предесдателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во Брисел им ја пренесе на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер. Груевски побара конкретни решенија и начини за забрзување на евроинтегративниот процес на нашата држава и потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка за сите реформи кои се во интерес на граѓаните на Република Македонија.
„Мојата главна поента беше дека Македонија предолго го чека членството во Европската унија, тоа ни е одамна заслужено. Укажав дека е време да се најде начин да ѝ се помогне на Македонија, не да зборуваме за одмрзнување на препороки, туку да зборуваме за почнување и завршување на преговори и членство во ЕУ. Од тој аспект, укажав дека ние сме подготвени во парламентот на Македонија да дадеме поддршка за сѐ што ќе процениеме дека е од корист за граѓаните, но и како опозиција да критикуваме тоа што сметаме дека не е најдобро решение“, изјави Груевски.
Заложба за брз напредок во евроинтеграциите и валоризација на досегашните напори и реформи ќе бидат темите на денешната средба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.
Груевски ќе учествува и на самиот на Евопските народни партии, кои во моментов се доминатнта политичка опција во Европа, а на кој ќе се разговара за актуелната бебзедносна состојба и мигрантската криза.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
