Собранието расправа за избор на заменици- министри

22.06.2017 12:34

Предложените заменици- министри според премиерот Заев се професионалци кои ќе работат на исполнувањето на реформските приоритети. За ВМРО- ДПМНЕ се спорни некои од замениците поради претходните ставови околу територијалниот интегритет на земјата, но и поради сомнителната приватизација на стопанството.

Замениците- министри во Владата на Република Македонија- главна точка од дневниот ред на седницата на Собранието. Тие според премиерот Заев се професионалци кои ќе работат на исполнувањето на реформските приоритети.

За ВМРО- ДПМНЕ се спорни некои од замениците поради претходните ставови околу територијалниот интегритет на земјата, но и поради сомнителната приватизација на стопанството.

Премиерот Зоран Заев на почетокот пред пратениците ја соопшти листата со кандидати за заменици- министри, посочувајќи оти станува збор за истакнати личности, професионалци и политичари. Заев рече дека имал разбирање за неколкудневното пролонгирање на изборот на замениците- министри за да има доволно време пратениците да ги разгледаат предлозите.

Предложените кандидати, како што посочи, ја знаат својата одговорност, дека ќе добијат задача да ја извршуваат одговорно фуницијата раководејќи се од Уставот и законите и од оштиот интерес за подобрување на животот на граѓаните.

За заменик- министер за одбрана е предложен Беким Максути, за заменик- министер за внатрешни работи Агим Нухиу, во Министерството за правда Оливер Ристовски, во Министерството за надворешни работи Арта Точи, во Министерството за финансии Ширете Елези, а во Министерството за економија Кире Наумов.

Власте Димковиќ е предложен за заменик- министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Гоце Чакаровски за здравство, Висар Гани за образование и наука, Елми Азири за труд и социјална политика, Дејан Павлески за локална самоуправа, Владимир Лазовски за култура, Александар Бајдевски за информатичко општество и администрација, Ремзи Мехмеди за транспорт и врски, а Јани Макрадули за заменик- министер во ресорот животна средина и просторно планирање.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски реплицирајќи му на Заев рече дека е изневерена идејата на СДСМ за помала Влада. СДСМ пред изборите ветуваше дека нема да има повеќе од 20 министри, а сега има 26 министри и 26 заменици. Тоа, според него, е доказ за недоследноста на СДСМ за буџетот и неговото трошење. Во однос на предлозите за заменици министри искажа забелешка за Арта Точи која, како што наведе, тврдела дека западна Македонија треба да припадне на Албанија, а земјата ја ословува со ФИРОМ.