Топлотен бран на стариот континент

22.06.2017 13:12

Високи температури се измерени и во Италија, каде што метеоролозите прогнозираат дека живата во термометарот ќе се движи над 39 целзиуси. Истото се очекува и Австрија, Холандија, па и во алпска Швајцарија.

Топлотен бран на европскиот контитнент. За британската престолнина, ова е најжешкиот јуни од 1976 година. Во Португалија, превисоките температури предизвикаа шумски пожар во кој загинаа десетици луѓе. Поради огнената стихија пожар во јужниот дел на Јадранскиот брег беа евакуирани 800 туристи.

„Топлотните бранови се опасни за здравјето. Европа се соочи со овој проблем и во 2003 година кога починаа околу 70 илјади луѓе. Во 2015 година, на азискиот контитнент, во Пакистан и во Индија беа регистрирани 4000 смртни случаи предизвикани од краткотрајни периоди на топлотни бранови. Превисоките температури предизвикуваат и пожари. Португалија е доказ за ова“, изјави Омар Бадур, научник во СЗО.

„Делови од Европа, Блискиот Исток, Северна Африка и САД имаа многу високи температури во мај и во јуни. Топлотните бранови се случија порано од очекуваното“, изјави Клер Нулис, портпарол на Светската метеоролошка организација.

Високи температури се измерени и во Италија, каде што метеоролозите прогнозираат дека живата во термометарот ќе се движи над 39 целзиуси. Истото се очекува и Австрија, Холандија, па и во алпска Швајцарија.

Топлотниот бран го зафати и снежниот Сибир каде што беа измерени и до 37 степени Целзиусови. Но во северна Русија беше регистрирана и друга крајност. Жителите на Мурманск мораа да го активираат греењето бидејќи температурата изнесуваше само еден степен Целзиусов.

Во наредните децении, топлотните бранови ќе бидат сериозен глобален проблем. Територијата од планетата која ќе се справува со жештината ќе се зголемува поради климатските промени.

 

Маја Филдишев