Во Охрид пристигна првиот чартер со туристи од Полска
На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ претпладнето пристигна првиот чартер авион со туристи од Полска. Воздушниот туристички мост помеѓу двете земји ќе се одвива до крајот на септември. Од оваа земја гости ќе доаѓаат и со автобуси, така што ова лето се очекува на Охридско- струшкото крајбрежје да одмораат околу пет илјади Полјаци.

Со воден мост и традиционална македонска закуска на охридскиот аеродром беше дочекана првата група од 220 полски туристи, кои допатуваа со чартер лет на авиокомпанијата „Смал плантер ерлајнс“ од Катовице. Гостите од Полска за прв пат доаѓаат организирано со чартер летови преку еден од најголемите тур-оператори од таа земја- „Рего Бис“.
„Прв пат доаѓам овде. Тука сум зедно со моето семејство. Доаѓам затоа што мои познаници и пријатели ме информираа дека тука е многу убаво. Засега ништо не знам за Македонија, но очекувам добар одмор“.
„Патувањето беше удобно. За Македонија имам многу малку информации бидеќи прв пат доаѓам тука. Колку што можам да видам овде е многу убаво“, велат туристите.
Гостите од Полска на Охридско- струшкото крајбрежје ќе бидат присутни до крајот на септември, до кога на охридскиот аеродром ќе пристигнат 14 чартер авиони. Во иднина се планира воведување на чартер летови и од Варшава.
„Драго ми е што тука се првите туристи од Полска. Нашата агенција нуди аранжмани за одмор во сите држави на Балканот. Сега ви останува вам преку маркетинг активности, добра услуга и гостопримство да се наметнете во освојување на интересот на полскиот турист“, изјави Габриела Манку- Соколу, сопственичка на тур- операторот „Рего Бис“.
Оваа туристичка сезона на брегот од Охридското Езеро се очекува да летуваат околу 5.000 полски туристи, од кои дел ќе допатуваат со автобуски превоз.
Сашо Нелоски
