Содржината на лектирите застарена, ДПМ бара анализа
Друштвото на писатели на Македонија оценува дека содржината на лектирата во образованието е застарена и не соодветствува на вистинските потреби на основците и на средношколците. Бараат од Министерството за култура и за образование да се разгледа и анализира лектирата. Министерката Треневска-Десковска вели ова прашање ќе биде разгледано.

Содржината на лектирите во голем дел е застарена, не кореспондира со вистинските потреби на образовниот процес и на интересирањата на основците и на средношколците- оценува Друштвото на писателите на Македонија. Тие со иницијатива до Министерствата за образование и култура, предлагаат да се разгледа и анализира ова прашање од сите апсекти. Отворени се да се вклучат во процесот и да учествуваат со својата експертиза.
И професори го делат ставот дека се потребни новини. Од Министерството за образование најавија ревизија на лектирите.
„Драго ми е што таква иницијатива пристигна од ДПМ и во рамки на процесот на ревидирање на учебниците, треба да биде ревидиран и списокот на лектири, така што ќе биде отворена и таа постапка“, рече министерката Десковска.
Освен лектирите, ќе се ревидираат и некои учебници. Министерството за образование формираше комисија, составена од експерти во областа. Доколку се утврдат грешки, учебниците ќе бидат повлечени- изјави Десковска.
Викторија Милевска
