Собраниска расправа за новите заменици- министри

22.06.2017 15:23

Замениците- министри во Владата на Република Македонија- главна точка од дневниот ред на седницата на Собранието. Тие според премиерот Заев се професионалци кои ќе работат на исполнувањето на реформските приоритети. За ВМРО-ДПМНЕ се спорни некои од замениците поради претходните ставови околу територијалниот интегритет на земјата, но и поради сомнителната приватизација на стопанството.

Предложените заменици- министри се избрани според стручноста. Ќе работат посветено на реформите, заедно со министрите што ги водат ресорите, рече премиерот Зоран Заев претставувајќи ги кандидатите пред пратениците. Како што посочи, тие ја знаат својата одговорност, ќе добијат задача да ја извршуваат функцијата раководејќи се од Уставот, законите и од општиот интерес за подобрување на животот на граѓаните. Ние остануваме на реформските определби кои ги ветивме пред граѓаните, рече премиерот Заев од собраниската говорница.

За пратениците од опозициската ВМРО- ДПМНЕ предложените кадри се партиски послушници и нема ништо да придонесат за исполнување на ветените реформи. Најмногу забелешки упатија на предлогот Арта Точи да биде заменик- министер за надворешни работи.

СДСМ не го одржа ветувањето за помал број министри, посочија од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е доказ за недоследноста на СДСМ за буџетот и неговото трошење.

Премиерот Заев предложи 15 заменици- министри. Интегративците добиваат четири, од Алијансата за Албанците три, а СДСМ и коалициските партнери осум заменички позиции во Владата.

 

Игор Панов