Се подготвува ребаланс на буџетот
Финансии го подготвува ребалансот на буџетот. Ресорсниот министер тврди- ќе се крати од комодитетот на луѓето на власт. Најави пари за спроведување на реформските приоритети. Пред ребалансот, не се размислува за нова еврообврзница...

Во ресорот за финансии забрзано се работи на корекциите на државната каса за годинава. Анализите и интензивната комуникација со министерствата и другите корисници на буџетски средства треба да покажат кај кои ставки ќе има кратење или пак, евентуално зголемување на износите. Министерот Тевдовски засега без детали за ребалансот, дали ќе има кратење кај капиталните инвестиции, но вели дека на удар ќе бидеат удобноста и комодитетот кај буџетските корисници.
„Ќе направиме се што е во наша можност да добиеме еден буџет што ќе биде прагматичен, имајќи ги во предвид и обврските што се наталожени со години, а истивремено да дадеме можност за нашите реформски приоритети. Деновиве разговараме со сите министерства и практично настојуваме најмногу да скратиме на тоа што значи комодитет на луѓето на власт“, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Тевдовски вели дека се прават потребните анализи за да се добие пониска цена за сервисирањето на долгот. Се гледаат можностите што ги дава домашниот пазар на капитал, каде според него има вишок ликвидност, но се гледа и цената за евентуално надворешно задолжување, доколку има потреба за тоа.
„Можеби ќе отцениме да не издаваме еврообврзница, така да ги разгледуваме кои се можностите за фианасирање од аспект на доброто на граѓаните, значи тие да плаќаат пониска цена“, рече Тевдовски.
Крајна цел на сите анализи и проекции е да се добие пониска цена на задолжување во однос на економскиот раст, велиТевдовски. Интенција е да се зголеми динамиката во економијата и затоа е забрзан повратот на ДДВ, а крајна цел се враќање на ликвидноста и размрдување на стопанството. Паралелно се работи и на проценка на обврските на корисниците на буџетски средства вели Тевдовски кој засега не прецизира кога предлог ребалансот на буџетот ќе биде испратен во собраниска процедура.
Свето Николовски
