Усвоен акциски план за сузбивање на бактериите отпорни на антибиотици
Светот се соочува со брзо ширење на бактерии отпорни на антибиотици. Годишно од ова умираат 700 илјади луѓе. САД, ЕУ и Обединетите нации усвоија акциски план за сузбивање на бактериите отпорни на антибиотици.

Најголемата закана по здрвјето во светот е брзото ширење на бактерии отпорни на антибиотици. Годишно во светот умираат 700 илјади луѓе, а во Европската унија 25 илјади. Бактериите отпорни на антибиотици се пренесуваат од животните на луѓето преку храната. Поради ова Европската Унија спроведува ригорозни мерки за антибиотиците што се даваат на животните и бара истото да го применуваат сите европски држави и пошироко.
„Во Европската Унија се гордееме на фактот што ЕУ забранува употреба на антибиотици во широкото производство на храна од животни уште од 2006-та. Ова е добра порака и за САД“, вели д-р Витенис Андрикаитис, Еврокомесар за здравје и безбедност на храната.
Смртноста од бактериите отпорни на антибиотици се големува бидејќи луѓето неправилно користат антибиотици.
„Работиме на кампањи за подобрување на употребата на антибиотици. Ова започна како напори на САД и на ЕУ, а сега работиме и со Светската здравствена организација на кампањи во целиот свет“, вели д-р Џин Пател, Центар за контрола на болести и превеција во Атланта, САД.
Оваа година, Европската Унија, САД и Обединетите нации усвоија акционен план за спречување на ширењето на бактерии отпорни на антибиотици што вклучува превенција и откривање на нови антибиотици.
Доколку не се спречи ширењето на бактерии отпорни на антибиотици во светот до 2050-та година ќе починат 10 милиони луѓе.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
