Брисел: Историска одлука за создавање постојана европска соработка во одбраната

23.06.2017 12:26

Лидерите на Европската унија постигнаа историска одлука за создавање „постојана европска соработка во одбраната“. Во борбата против тероризмот ќе вклучат и алатки за откривање и автоматско отстранување на содржини од Исламскиот радикализам на интернет. На дводневниот самит во Брисел се решава и за Брегзит, мигрантската криза и за економијата.

По серијата терористички напади во неколку европски центри, одбраната на земјите-членки на Унијата зазеде челна позиција на средбата во Брисел. Белгија, Обединетото Кралство, Франција и Шведска закрепнуваат од неодамнешните терористички акти во кои имаше жртви.

„Ние целосно сме решени да ги заштитиме нашите луѓе. Затоа Европскиот совет се согласи да ги продлабочи нашите напори против странски терористички борци. Ние сакаме да ја финализираме работата околу новите гранични системи за размена на информации оваа година“, изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Ќе се зголемува и соработката во онлајн индустријата за елиминирање на опасни содржини со кои се шири исламскиот радикализам. Од посебен фонд ќе се издвојуваат средства за развој и изградба на единствени одбранбени системи на ЕУ за да се изедначат стандардите и типовите на оружје за да се избегне непотребно трошење пари.

„Ние трошиме половина од воениот буџет на САД, но нашата ефикасност е 15 насто. Осумдесет проценти од истражувањата и 90 насто од набавките се прават исклучиво на национално ниво“, рече претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Соработката меѓу Унијата и НАТО останува клучна за севкупната безбедност, односно за борбата против кибернетичките напади, хибридната војна и тероризмот.

Неизбежна тема на самитот е и историскиот рефендум на Британија за излез од европското семејство и последиците за официјален Брисел.

Според германската канцеларка, Ангела Меркел, Британија има добар старт за плановите за Брегзит, но потенцираше дека им претстои макотрпна работа. 10 земји од ЕУ меѓу кои и Британија учествуваат со околу 80% во вкупниот БДП.

„Постојат многу прашања околу Брегзит, вклучувајќи ги и финансиите, односот со Ирска, така што ќе имаме многу работа до октомври. Мишел Барние има целосна поддршка од нас. За нас е важно да го зачуваме единството на 27 земји-членки“, изјави Ангела Меркел, државен канцелар на Германија.

Премиерката Тереза Меј во Брисел го претстави предлогот за постојан престој на сите доселеници од Унијата кои живеат 5 години во Обединетото Кралство.

Лидерите се согласија и за продолжување на економските санкции кон Русија поради неуспешно спроведување на Договорот од Минск.

Последниот ден од самитот е посветен на миграцијата, безбедноста и економијата.

Маја Филдишев