Македонска филхармонија со концерт за Денот на вљубените

13.02.2014 09:31

Со оркестарот на Македонската филхармонија ќе диригира Саша Николовски-Ѓумар, а како солист ќе настапи популарната сопранистка Наде Талевска-Спасовска...

Македонската филхармонија вечерва ќе одржи концерт насловен „Амор“, специјално подготвен за Денот на вљубените. Во Македонската опера и балет публиката ќе има можност да проследи мелодии и ритми на латино музиката.
 
Со оркестарот на Македонската филхармонија ќе диригира Саша Николовски-Ѓумар, а како солист ќе настапи популарната сопранистка Наде Талевска-Спасовска, која ќе изведе познати нумери од Мариса Монте, Сезарија Евора, Џенифер Лопез, Луз Касал и други.
 
Оркестарот  ќе изведе атрактивни оркестарски композиции од Албениц, Маркес и Бернштајн,  и повеќе оркестарски аранжмани на композиции од шпанско и латино-американско поднебје кои ја одбележаа музичката историја.
 
На програмата, меѓу останатите, се композици од Џипси кингс, Рики Мартин, традиционални мамбо нумери од Перез Прадо, тангото на Луис Гардел од легендарниот филм „Мирисот на жената“ и други композиции.