Следната седмица СЈО ќе поднесе нови обвиненија

23.06.2017 13:28

Следната недела Специјалното јавно обвинителство ќе поднесе нови обвиненија. Специјалната обвинителка, Катица Јанева очекува судска разрешница за сите поднесени предмети.

До крајот на наредната седмица СЈО ќе поднесе нови обвинителни одлуки со кои се опфатени граѓани на Република Македонија, меѓу кои има и високопозиционирани јавни личности и други лица вклучени во истрагата која се однесува на периодот од 2008 до 2015-та година. Ова во Охрид го рече Специјалната обвинителка, Катица Јанева, посочувајќи дека досега се документирани само 12 проценти од доставените материјали, а се преслушани 45 отсто од нелегално прислушуваните разговори.

Се надевам дека судот ќе обрне доволно внимание на нашите докази врз основа на кои ние ги поднесуваме обвиненијата и ќе ги продолжи и обвиненијата за да одиме на суд и таму во судница да ги вкрстите нашите аргументи со обвинетите и нивната одбрана“, изјави Јанева.

Научната фела смета дека треба да се направи темелна ревизија на најголемиот дел од законодавната рамка.

„Дефинитивно поголемата реформа би требало да биде во насока на институциите во Република Македонија:Мислам дека ова што денеска се случува тука е уште еден поттик, најава дека во Република Македонија треба да почнат некои радикални реформи, кои што ќе значат реафирмирање на начелата на почитувањето на правната држава, владеењето на правото и основните човекови слободи и права“, смета проф. д-р Никола Тупанчески.

Во својство на експерт пред учесниците на Школата за природно право предавање одржа Рајнхард Прибе, поранешен директор на Директоратот за проширување на ЕУ, кој не сакаше да дава политички изјави за состојбите во земјата.

„Немам политички пораки. Се надевам дека ќе имаме отворена дискусија. Моја цел е на академска основа на студентите да им ги појаснам евроинтеграциските процеси и европските вредности, кои се предуслов за зачленување во Унијата“, изјави Прибе.

Сите експерти вклучени во наставата на Школата за природно право во Охрид се согласни дека се потребни суштински реформи на правосудниот систем и деполитизација на институциите во државата.

 

Сашо Нелоски