Норвешка поддршка за Македонија во НАТО
Во работна посета на Македонија е норвешкиот министер за надворешни работи Борге Бренде чиј домаќин е шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. Во средиштето на разговорите меѓу двајцата министри беше интеграцијата на Македонија во НАТО, но и регионалната соработка...

Унапредување на билатералните односи меѓу Македонија и Норвешка, поддршка на Кралството за поскорешно зачленување на нашата земја во НАТО И ЕУ. Во пресрет на годината кога се навршува четвртина век дипломатски односи ова било главната тема на резговорите меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји.
Пред еден век бевме најсиромашната земја во Европа, а денеска сме со речиси највисок БДП во светот – тоа е овозможено преку интеграцијата и демократијата. Вашиот министер ги има сите алатки за искористување на потенцијалите на земјата, предочи министерот Бренде. Пријателите не треба да се персираат, заклучиле министрите, и на конференцијата за новинарите се ословуваа непосредно. Уште повеќе, на инаугурацијата на српскиот претседател Вучиќ вечер во Белград, патуваат заедно со авионот на Норвешкото кралство.
Претходната норвешка Влада ја затвори амбасадата во Македонија во 2012 година. На прашањето на мтв дали планираат повторно отворање, Бренде оценува - се разгледуваат сите можности за унапредување на релациите. Шефот на норвешката дипломатија разговараше и со претседателот Иванов во резиденцијата Водно. Стабилен, економски силен и безбеден Балкан ќе придонесе за стабилноста и напредокот на Европа, посочил Иванов укажувајќи и на предизвиците на илегалната миграција и тероризмот. На агендата на Бренде се и средбите со премиерот Заев и спикерот Џафери.
Анита Димитријевска
