Работни групи ќе работат на Итните реформски приоритети
Владата ќе формира пет работни групи- за реформи во правосудство и тајните служби, јавната администрација, за изборен систем и за независни регулаторни тела, како и за медиуми и за граѓанско општество. На тематската консултација во Владата посветена на спроведувањето Итни реформски приоритети за членство во НАТО и во ЕУ, премиерот Заев изјавил дека до крајот на годинава очекува чиста препорака за преговори со ЕУ, а наредната, и отворање на поглавјата за полноправно членство.

Ќе се формираат работни групи кои ќе дискутираат за правосудството и тајните служби, за реформите во јавна администрација, изборниот систем, Собранието и независните регулаторни тела, како и за медиумите и цивилниот сектор- заклучок од средбата на владините претставници и граѓанскаите организации за креирањето на политиките за Итните реформски приоритети.
Според премиерот Заев, крајната цел е до крајот на годината да се добие чиста препорака од Европската комисија, а од идната година и датум за почеток на пристапните преговори.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, вели дека e најважно да се исполнат итните реформи приоритети, да се спроведе Рамковниот договор во делот за употребата на албанскиот јазик и да се организираат фер и демократски локални избори, за да може да се тргне условената препорака од Европската комисија.
Од Владата најавија дека до понеделник ќе биде подготвена драфт верзија на акцискиот план со мерки и активности кои треба да се преземат во контекст на евроинтеграциите, а кои ќе му бидат презентирани на еврокомесарот Јоханес Хан за време на неговата посета на земјава.
Игор Панов
