Еврокомесарот Хан на средби за итните реформски приоритети
Хан денеска ќе престојува во Македонија на разговори околу плановите за реформи на новата македонска Влада, како и да ја повтори поддршката на Европската унија за земјата да ги спроведе неопходните реформи...

Еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан денеска ќе престојува во Македонија на разговори околу плановите за реформи на новата македонска Влада, како и да ја повтори поддршката на Европската унија за земјата да ги спроведе неопходните реформи за во иднина да стане членка на Унијата.
Предвидено е Хан да се сретне со претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев. Ќе се одржи и средба на делегација на Владата на Република Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев во чијшто состав ќе бидат и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров со делегација на Европската унија предводена од еврокомесарот Хан.
По средбите ќе се одржи тематска седница на Владата на Република Македонија посеветена на итните реформски приоритети за евро-атланските интеграции на којашто ќе присуствува и еврокомесарот Хан.
По завршувањето на тематската седница на Владата ќе се одржи прес - конференција на премиерот Заев и еврокомесарот Хан.
Во изјава дадена пред неговото доаѓање во Македонија, Хан посочи дека доаѓа за да даде поттик на спроведувањето на реформите што Брисел очекува да бидат спроведени во брз рок, а со цел земјата да се врати на патеката за евро-атлантската интеграција.
