Трамп ја укина социјалната помош за имигрантите
Американскиот претседател Доналд Трамп нареди да запре доделувањето на социјална помош за имигрантите коишто легално пристигнуваат во земјата најмалку пет години. Со ова се очекува да се намали злоупотребата на статусот имигрант во САД што особено се зголеми во времето на претходната администрација во Белата куќа.

Имигрантите во Соединетите Американски Држави нема да имаат право на финансиска помош од државата најмалку 5 години од нивното пристигнување. Со ова, американскиот претседател Доналд Трамп сака да воведе реформи во законите за имиграција во САД, што особено се злоупотребуваат во последните години.
„Верувам дека е време за нови правила за имиграција, според кои оние коишто бараат прием во нашата држава мора да бидат способни да се издржуваат самите финансиски и нема да можат да користат социјална помош во период од најмалку пет години. Втор клучен принцип е луѓето коишто доаѓаат во нашата земја мора да ги прифатат нашите вредности и да го сакаат нашиот народ“, изјави претседателот Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп само ќе го спроведува законот првично донесен од поранешниот американски претседател Бил Клинтон во 96-та. Имигрантите коишто доаѓаат во САД нема да можат да користат социјална помош како досега, со што администрацијата на Трамп се надева дека ќе се зголеми фондот за помош на американските државјани, особено ветераните.
Во моментов во САД живеат над 42 милиони имигранти коишто пристигнале легално во државата или се родени во неа.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
