Температури и над 40 степени, да се почитуваат препораките

27.06.2017 11:23

Пеколен бран во Македонија. Синоптичарите за неделава најавуваат температури и над 40 целзиусови степени. Земјава е во жолта фаза. Надлежните апелираат да се почитуваат препораките, да се избегнува да се излегува надвор во периодот од 11 до 17 часот.

Од средината на оваа недела живата на термометарот ќе се искачи до 40-от степен. Во Југоисточниот дел од земјата температури и над оваа граница, најавуваат синоптичарите од Управата за хидрометеоролошки работи.

Многу граѓани, поради високите температури, останаа дома. Други, кои имале неодложни обрски, велат дека високите температури им создаваат проблеми.

Лекарите предупредуваат да се почитуваат препораките, можна е појава на зголемен крвен притисок, проблеми со дишењето, малаксаност.

До среда температурите ќе се движат до 37 степени, со нестабилности на одреднеи места во попладневните часови, локален пороен дожд и грмежи.

Здравствените власти апелираат да се почитуваат пропораките.

Да не се излегува на сонце од 11 до 17 часот, да се консумираат повеќе течности, да се јаде свежа храна и да се зема потребната терапија, се дел од препораките на здравствените работници. Топлото време најмногу влијае врз хронично болните.

Сепак, има и такви кои не ги почитуваат препораките. Камерата на македонската телевизија регистрираше градежници кои за време на празник работеа во најголемите горештини.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска