Грција се дави во отпад на 40 степени
Еднонеделниот штрајк на санитарните работници резултира со тони отпад расфрлан околу контејнерите, неподнослива смрдеа насекаде по улиците и сериозна опасност за јавното здравје.

Среде туристичка сезона, во време на екстремно високи температури, Грција се дави во отпад. Еднонеделниот штрајк на санитарните работници резултира со тони отпад расфрлан околу контејнерите, неподнослива смрдеа насекаде по улиците и сериозна опасност за јавното здравје.
„Навистина сум изненадена бидејќи местово е навистина прекрасно, но од друга страна има толку многу отпад на патот и смрди.“
„Градот изгледа валкано и нехигиенски и владата треба ова веднаш да го реши“- велат дел од туристите.
Ќор сокакот во разговорите меѓу синдикатите и грчката влада се чини дека е надминат. Денешната средба на грчкиот премиер Алексис Ципрас со претставниците на работниците мина во добра атмосфера, а како резултат на постигнатата согласност, санитарните работници се очекува уште денеска да почнат со собирање на ридовите од гнил отпад низ грчките улици.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
