Одложено рочиштето за случајот „Поткуп“

27.06.2017 12:46

Одбраната на премиерот Зоран Заев побара издвојување на доказите прибавени со посебните истражни мерки.

Одложено судското рочиште за случајот „Поткуп“. Одбраната на премиерот Зоран Заев побара издвојување на доказите прибавени со посебните истражни мерки.

„Правно - формалното дејствие започна со барањето од моите адвокати за употребливоста на посебните истражни мерки од аспект заради тоа што се тие јавно објавени. Согласно закон посебно истражна мерка којашто е јавно објавена не се употребува како доказ. Бевме на двоумица дали таа снимка да ја презентираме јавно во целовитоста, за да се дознае во суштина самиот предмет или да бараме нејзино изземање заради тоа што законот тоа го дава. Сепак одлучивме да ги користиме сите законски можности и Судот ќе донесе решение согласно барањето на адвокатите и буквално ние сме на двете страни. Како и да одлучи Судот, така и ќе ги користиме нашите права. Јас лично како обвинето лице очекувам и сакам таа снимка да излезе во јавноста да се види целовитоста на дејствието коешто се случувало и да се види дека ниту имав намера, ниту се случил било каков поткуп“- изјави Заев.

Според неговиот адвокат, Медарски, очигледно било дека е сторено кривично дело оддавање службена тајна. Од обвинителството пак, посочија дека понудиле доказ кој бил обезбеден на законски начин.

Наредното рочиште е закажано за 27-ми септември.