Самитот во Трст ќе го приближи регионот кон ЕУ

27.06.2017 16:29

Ќе се формира фонд во вредност од 150 милиони евра за финансирање заеднички проекти за Западен Балкан. Ќе се стимулираат земјите да понудат проекти од заеднички интерес во повеќе области. Самитот во Трст- продолжение на Берлинскиот процес инициран од 2014-та.

Германија, Франција, Австрија, Италија, поддржани од Словенија и од Хрватска ќе се обидат да ја придвижат економската интеграција на шесте земји од Западен Балкан кон ЕУ. Самитот во Трст ќе ги собере на едно место шефовите на држави, министрите за надворешни работи, економија и за транспорт, како и 100-тина компании од кои 20-тина ќе бидат од Македонија. Бизнис- форумот ќе биде поделен на неколку панели посветени на: финансирање проекти од меѓународни финансиски институции, екологијата, инфраструктурата и транспортот, иновациите и енергетиката, а за првпат ќе има и посебна работилница посветена на борбата против корупцијата во регионот.

„За целите на Самитот на европско ниво е неотповиклива поддршка на европската перспектива на Западниот Балкан, поддршка на стратегијата на проширување, прогрес кон приклучување кон ЕУ. На регионално ниво цели се консолидирање на демократијата, безбедноста и социоекономската стабилност. Надминување на поделбите предизвикани од националистичка реторика меѓу земјите преку дијалог“, изјави Карло Ромео, амбасадор на Италија во Република Македонија.

Практично ќе профункционира и Перманентниот коморски секретаријат во Трст што ќе обезбеди проширување на економската соработка меѓу земјите од регионот. Ќе се настојува земјите од Западниот Балкан да не си конкурираат меѓусебно преку намалување на даноците, ниските плати, нудењето погодности во обид да привлечат странски инвеститори. Веќе има неколку заеднички иницијативи во областите на инфраструктурата и металниот комплекс за кои се очекува конкретна поддршка од ЕУ.

„Со ваквите иницијативи покажува дека таа би сакала да го види овој регион заеднички во Европската унија. Се најавува и зголемување на фондовите со кои ќе работи ЕУ на овој план. Се говори за новиот Маршалов план за Балканот. Се говори и за првата милијарда. На кои се сектори ќе бидат лоцирани овие средства ќе видиме. Македонија има повеќе проекти, но досега ефективен е само еден проект за енергетско поврзување со Албанија вреден 49 милиони евра“, вели Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопаснката комора на Македонија.

Пешев и Ромео не излегуваат со конкретни суми, со појаснување дека се ќе зависи од квалитетот на проектите што ќе ги понудат заеднички земјите од регионот. Круцијални се транспортот и енергијата, вели Ромео, нагласувајќи дека генерална цел е да се зголеми интеграцијата меѓу земјите и да се олесни нивното меѓусебно поврзување и приближувањето кон ЕУ.

 

Свето Николовски