Почна уписот во средните училишта, гимназиите најатрактивни
Денеска и утре трае првиот јунски уписен рок, резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 30-ти јуни. Откако се укина екстерното тестирање има измени во конкурсот- условите поврзани со резултатите од ова тестирање на успехот на ученикот се избришани.

Полуматурантите ги наполнија средните училишта. Од изутрината стартуваше првиот уписен рок. Има вкупно 35.909 слободни места од кои 25.127 на македонски наставен јазик, 9.830 на албански, 918 на турски и 34 на српски наставен јазик. Нeкои ученици веќе решија каде ќе го продолжат образованието, а некои се уште размислуваат. Јазиците, медицината, математиката или економијата, но најатрактивни остануваат гимназиите.
„Ја одбрав природно- математичката струка, бидејќи од секогаш сум ја сакал математиката, од мал.“
„Францускиот ми овозможи многу работи, многу патување и поради тоа сакам да го изучувам и понатаму“- велат идните средношколци
Дел од скопските средни училишта очекуваат да ги пополнат квотите уште во јунскиот уписен рок. Во гимназијата „Раде Јовчевски- Корчагин“ до 10 часот имаше уште само 10 – ина слободни места. Според директорот Лукаревски половина од запишаните пројавиле интерес за природно- математичките насоки.
„Нудиме квалитетно образование што се должи на квалитетниот кадар што го имаме од секој аспект, и од професионален и од стручен аспект. Тоа го ценат и учениците и родителите“- вели директорот на „Корчагин“, Лукаревски.
Резултатите од јунскиот рок ќе се објават на 30-ти јуни. Второто пријавување ќе се врши на 5-ти јули, а следниот ден ќе се објават резултатите и слободните места. Учениците што го пропуштиле првиот уписен рок, ќе имаат можност да се пријават на вториот кој е закажан за 24-ти август.
Согласно со досегашниот план за работа на Министерството за образование, од годинава треба да се воведе „Кембриџ“ прогамата по математика, биологија, физика и хемија и во средните училишта. Сепак, ресорната министерка најава анализа за спроведувањето на реформата и неизвесно е дали ќе биде спроведена.
Викторија Милевска
