Минимална плата од 12.000 денари од септември
Се зголемува минималната плата од 10 на 12 илјади денари- најави министерот за финансии Тевдовски. Исплаќањето ќе почне од септември. Владата обезбедила средства за поддршка на оваа мерка. И работодавачите се согласуваат со зголемувањето на платите...

Владата излезе со предлог за поддршка на бизнисот во износ од 1,5 милион евра во период од 6 месеци со што би се поддржало зголемувањето на минималната плата од 10.080 на 12.000 денари. Со ребалансот се предвидени 6 милиони за субвенционирање на компаниите годинава, а повисокиот минималец би се исплаќал од септември.
„Да има рангирање. Една група да биде со работници кои земаат плата до 10.000 денари, втората група меѓу 10.000 и 10.500, трета група 10.500 до 11.000 и четврта од 11.000 до 11.500 денари. Поддршката истотака да биде скалеста. Првата група да изнесува 2.000 денари, потоа 1.500 за втората група, 1.000 и 500 денари поддршка, што би било во период од 6 месеци со овие суми, а во вторите 6 месеци таа поддршка би се преполовила“, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.
За бизнисот овој предлог е прифатлив, но ќе предизвика кревање и на просечно исплатените плати во фирмите.
„Да не се предизвика ’урамниловка’ што многу негативно ќе се одрази врз добрите работници. Затоа што ако добриот работник кој остварува 12.000 денари со остварена норма и земе иста плата како оној што остварил 10.000, тогаш ќе се створи една урамниловка во платите која ќе предизвика опаѓање на продуктивноста на компаниите, а тоа никој од нас не го посакува“, изјави Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи на Македонија.
„Оваа разлика од 2.000 денари е некаде 16% зголемување и според наше мислење не би требало да биде голем товар за бизнисот и може да се мине со таа разлика“, изјави Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Бизнис заедницата смета дека доколку 23% од вработените кои сега земаат плата до 10.080 денари со ова зголемување на минималецот, од септември ќе добиваат плата од 12.000, што ќе овозможи зголемување на потрошувачката и кревање на животниот стандард на граѓаните.
Свето Николовски
