Комисиска расправа за евроинтеграциите, дебата околу терминот „заробена држава“
До каде е Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, своите ставови и оценки освен пратениците во надлежната собраниска комисија ги изнесоа и вицепремиерот за евроинтеграции Османи, како и евроамбасадорот, Жбогар. Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека Македонија секогаш се движела напред, таа е подготвена за почнување преговори со Унијата, единствен проблем е спорот со Грција. Расправа предизвика и терминот „заробена држава“, како што е наречена Македонија во последната условена препорака на Унијата...

Државата се придвижува напред, кредибилните избори овозможија нов почеток со нови можности и оптимизам кај македонските граѓани и во Брисел, смета евроамбасадорот Самуел Жбогар. Според него, реформи мора да се спроведат не поради Брисел, туку за македонските граѓани. Истакна дека преговорите со Македонија досега не се почнати поради условениот извештај во кој земјата се нарекува „заробена држава“.
Милошоски на Османи му порача дека неговите чевли набргу ќе станат тесни и покрај оптимизмот што го има. Вицепремиерот за евроинтеграции пак, рече дека во земјава има позитивна клима за Владата, како и во Унијата за спроведување на рефомите.
Ланскиот извештај содржи кулминација на препораки и негативни забелешки, рече Ременски.
Според владејачкото мнозинство, итни реформи и елеминирање на сензитивните политички проблеми се позитивен сигнал дека земјата е на вистинскиот пат.
Наташа Јанчиќ
