Шекеринска во Брисел на состанок на Северноатлантскиот совет

28.06.2017 16:12

На состанокот на Северноатлантскиот совет кој ќе се одржи утре, учествуваат 39 министри за одбрана на земји-членки на НАТО и земји кои учествуваат во мисијата „Одлучна поддршка“.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска од денеска престојува во дводневна работна посета на Брисел, каде што ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО, соопшти Министерството за одбрана.

На состанокот на Северноатлантскиот совет кој ќе се одржи утре, учествуваат 39 министри за одбрана на земји-членки на НАТО и земји кои учествуваат во мисијата „Одлучна поддршка“. Во фокусот на дискусијата на состанокот ќе биде безбедносната состојба во Авганистан и иднината на мисијата „Одлучна поддршка“, во согласност со одлуката на шефовите на држави и влади на земјите-членки на НАТО од 25 мај, мисијата „Одлучна поддршка“ да продолжи и по 2018 година.

Македонија учествува во мисијата Одлучна поддршка од 2015 година. Во моментов Македонија во оваа мисија има распоредено 39 лица воен персонал.

Денеска, веднаш по пристигнувањето во Брисел, министерката Шекеринска ќе присуствува на средба со министрите за одбрана на Црна Гора, на Албанија, на Словенија и на Хрватска.