Експерти: Државите однапред да се подготват за нов прилив на мигранти
Сѐ додека има нестабилност во светот, ќе има и луѓе коишто ќе ги напуштаат домовите. Експертите препорачуваат државите однапред да се подготват за нов прилив на мигранти со што ќе се превенираат евентуалните кризни ситуации...

Воените конфликти, природните катастрофи и лошата економска ситуација е причина за прилив на мигранти во поразвиените држави. Државите во светот однапред мора да се подготват за прилив на мигранти за да не ги почувствуваат последиците од мигрантските кризи, како онаа што ја погоди Европа во последните години.
„Државите и регионалните организации како Европската Унија навистина мора да создадат финансиски механизми и да идентификуваат програми за мигрантите однапред. Лидерите мора да имаат време и простор да создадат вакви механизми и програми многу порано пред пристигнувањето на брановите мигранти. Во спротивно ќе биде предоцна и ќе ја направи ситуацијата многу потешка“, вели Кристин Вормут, поранешен потсекретар за политика во Пентагон.
Од над еден милион мигранти коишто пристигнаа во Европа, 550 илјади го учат германскиот јазик за да се адаптираат во Германија. Мигрантите во Европа и САД можат да го решат проблемот со стареењето на населението и да придонесат за развој на економијата.
„Предизвикот е да смени начинот на размислување за мигрантите. Во САД веќе постои одличен модел за градење на поинаков механизам за реакција во случај на приливи на мигранти, што може да се користи не само овде, туку и во други места во светот“, изјави Еми Поуп, поранешен заменик советник во американскиот Совет за Национална безбедност.
„Нешвил Тенеси со прифаќањето на мигрантите истовремено стана и економски развиен град и во 2012 беше лидер во отворањето на нови работни места. Се разбира миграцијата не беше единствениот фактор, но според бизнисмнеите и политичарите беше инструмент за станување на Нешвил на економски развиен град“, изјави Рејчел Перик, заменик директор на НВО „Добредојдовте во Америка“.
Во справувањето со приливот на мигрантите, властите мора да соработуваат со меѓународните организации, локалните заедници и невладиниот сектор, за да приливот на мигранти не ги дестабилизира државите домаќини.
Во светот има 65 милиони бегалци, но нивниот број секојдневно се зголемува.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
