СЈО покрена 17 обвиненија против 94 физички и 7 правни лица

29.06.2017 12:37

Утре истекува законскиот рок до кога Специјалното јавно обвинителство може да поднесува обвинителни акти. 55 проценти од предадените материјали не се обработени.

Специјалното јавно обвинителство денеска на прес-конференција соопшти дека подигнало 17 обвиненија за 18 предмети против 94 физички и седум правни лица.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истакна дека се обезбедени цврсти и обемни докази за злоупотреби на службена положба, кршење на закони за јавни набавки и други кривични дела. Јанева рече дека е уверена оти пред судовите ќе докажат дека сите осомничени од СЈО се одговорни за делата.

За случајот „Талир“ за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Јанева истакна дека нема обвинение, но истрагата ќе продолжи. Посочи дека временските рокови не биле доволни за СЈО да ја заврши истрагата за овој случај. Обвинение не е поднесено и за предметот „Табла“, а два предмета „Таргет“ и „Тврдина“ се споени во еден.

Специјалното јавно обвинителство досега подигна три обвиненија и тоа за случаите за незаконско уништување на документација од системите на прислушување, за нарачаното насилство во општина Центар, и за случајот „Транспортер“ во кој осомничен е битолскиот градоначалник Владимир Талески.

За сите други случаи за кои беше отворена истрага во изминатите 18 месеци од функционирањето на СЈО ќе биде поднесено обвинение.