Благајникот на Ватикан обвинет за сексулно насилство

29.06.2017 13:30

Пел е водечки католички духовник во Австралија, како и највисок претставник на Ватикан обвинет за сексуално насилство досега. Кардиналот ги отфрла обвиненијата.

Светата столица ја тресе скандал. Австралиската полиција поднесе обвинение против главниот благајник и одговорен за финансиите на Ватикан, кардиналот Џорџ Пел. Се товари за сексуално насилство. Полицијата соопшти дека се работи за повеќе пријави, но не откри други детали. Топката ја префрли кај судот. Кардиналот треба да биде сослушан на 18 јули.

„Кардиналот Пел е обвинет за сексуални напади. Треба да се појави пред судот во Мелбурн на 18 јули.  Се соочува со повеќе обвиненија од повеќе жалители. Нема да даваме дополнителни коментари,  случајот сега треба да се процесира низ судовите“, вели Шејн Патон, заменик – комесар на полицијата во Викторија.

Пел е водечки католички духовник во Австралија, како и највисок претставник на Ватикан обвинет за сексуално насилство досега. Кардиналот ги отфрла обвиненијата. Смета дека се лажни и со цел да му се наштети на угледот. Тој времено ќе ги напушти своите обврски во Ватикан за да и се посвети на одбраната. Уверен е дека својата невиност ќе ја докаже пред судот, а поддршка доби и од Светата Столица, од каде што сметаат дека австралискиот правосуден систем ќе донесе правилна одлука.

„Јас сум невини по сите основи. Обвинувањата се лажни. Идејата за сексуално насилство ми е одвратна“, изјави кардиналот Џорџ Пел.

76-годишниот кардинал Џорџ Пел е треторангитан претставник на Светата Столица. Важи за голем поддржувач на традиционалните католички вредности, со конзервативни ставови за истополовите бракови и контрацепцијата, а важи и за гласник на целибатот меѓу свештенството.

Мартин Пушевски