СЈО: Покренати 17 обвиненија за 18 случаи

29.06.2017 14:42

Специјалното јавно обвинителство досега покрена 17 обвиненија за 18 случаи со кои се опфатени 94 физички и 7 правни лица. Попладнево дел од обвиненијата беа предадени во Кривичниот суд. Специјалната јавна обвинителка, Јанева информира дека за случајот „Талир“ нема обвинение поради законските рокови, а случаите „Таргет“ и „Тврдина“ се споени во едно обвинение...

17 обвиненија од 18 предмети. Опфатени 94 физички и 7 правни лица. Се бара притвор за 18, мерки за претпазливост за 47 луѓе. Специјалното јавно обвнителство со нови обвиненија пред истекот на крајниот рок. Специјалната обвинителка, Катица Јанева посочи дека се однесуваат за злоупотреби на институциите, на службената положба и овластување, злоупотреба на постапки за јавни набавки, повреда на избирачко право и друго.

„На сите ви е добро познат проблемот кој го создава членот 22 од Законот за Специјалното јавно обвинителство, а на кој јас во континуитет укажував. Сепак и покрај тоа што не се направија обиди за изнаоѓање на соодветно законско решение со кое би се овозможиле услови ова Јавно обвинителство да има законски рокови во кои ќе постапува во согласност со Законот за кривична постапка, ние сепак до денес успеавме да ги поднесеме сите обвиненија за кои сметавме дека се обезбедени цврсти докази“, изјави специјалната јавна обвинителка, Катица Јаневска.

Нема обвинение за случајот „Табла“, како и за случајот „Талир“ што се однесува на незаконско финансирање на една политичка партија. Истрагата ќе продолжи- рече Јанева. Биле преземени дејствија, но ги ограничиле временските рокови- објасни обвинителката.

„Ниту 30-ти јуни, ниту 1-ви јули не менува ништо во фактот што ова Јавно обвинителство како професионална и независна институција има капацитет и ќе продолжи преку независни и темелни истраги за кривичните дела за кои е надлежно, во соодветни законски постапки да обезбеди остварување на кривичната правда и да создаде гаранции дека сторителите на кривичните дела нема да останат неказнети“, нагласи Јанева.

На 30-ти јуни, истекува законскиот рок до кога Специјалното јавно обвинителство може да поднесува обвинителни акти. Дел од обвиненијата беа предадени денескa, дел ќе се достaват на последниот ден. СЈО досега отвори 19 истраги, покрена 20 обвиненија.

Не се обработени 55 проценти од предадените материјали.

 

Наташа Гркова- Петрушевска