Кризната состојба на дел од јужната граница продолжена до 31-ви декември

29.06.2017 14:54

Кризната состојба на дел од јужната граница продолжена до 31-ви декември. Во Собранието едногласна одлука за владиниот предлог. Одлуката е донесена поради зголемениот обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на земјава...

Владата побара продолжување на кризната состојба на дел од јужната граница до 31-ви декември годинава, а Собранието на седмата сесија со 94 гласа „за“ го прифати предлогот. Владата, во предлог одлуката, со појаснување дека рокот треба да биде продолжен поради зголемениот обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на земјава и состојбата на јужната и на северната граница. Ресорниот министер Спасовски смета дека одлуката е значајна пред се поради околностите поврзани со глобалниот проблем со мигрантската криза која не стивнува и може да ескалира во секој момент.

„Ќе се овозможи на Армијата на РМ, заедно со министерството за внатрешни работи, да учествува во обезбедување на државната граница со република Грција каде што како што знаете имавме сериозен прилив на мигранти во изминатиов период“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа предлог - одлуката, која според неа е врвен приоритет на земјата, додека за спикерот Џафери тоа значи непотребно ангажирање на армиските ресурси.

„За нас заштитата на границите е врвен приоритет и заштитата на интересот на граѓаните на Р. Македонија е исто така врвен приоритет“, рече Илија Димовски,  ВМРО-ДПМНЕ.

„Непотребно се ангажираат ресурси таму каде што не треба да се ангажираат, поготово Армијата“, изјави Талат Џафери, ДУИ.

„Да и се обезбедат особено на Армијата ресурси за постојано сместување на јужната граница, бидеејќи ако подолг временски период ги држиме треба да се размислува и за одредени одјекти за да бидат тие луѓе на достоинствен начин сместени“, изајви Емил Димитриев, ВМРО-ДПМНЕ.

„Полицијата ја милитиразиравте, а Армијата ја деморализиравте. И ги земавте парите на Армијата и ги спуштивте на дното во општеството“, рече Максим Димитриевски, СДСМ.

Во моментов на границата со Грција има околу 100 припадници од други полициски служби од: Словенија, Србија, Чешка, Унгарија, Словачка, Полска и Хрватска и тоа ќе продолжи до крајот на октомври, а наша интенција е таа соработка да продолжи, рече министерот Спасовски.

Во однос на присуството на Фронтекс, треба да се склучи договор и веќе е направена групата за преговори и очекувам во најскоро време да биде склучен, рече Спасовски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ја поддржи оваа одлука, очекува понавремени информации за се што се случува на границите, но побара во земјава да не се градат бегалски кампови.

Свето Николовски