Нема драстични промени во надворешната политика на САД

30.06.2017 10:46

Нема драстични промени во надворешната политика на САД откако Доланд Трамп ја презеде функцијата претседател. Во фокусот борбата против тероризмот, но и спречување на иранското влијание на Блискиот исток. Воените експерти бараат повеќе пари во буџетот за софистицираното оружје...

САД и арапските држави се за пораз на Исламската држава и спречување на влијанието на Иран на Блискиот Исток. Државите од регионот го поддржаа и последното американско предупредување до Сирија дека нов хемиски напад ќе резултира со воена интервенција. Позицијата на САД во израелско-палестинскиот конфликт е повеќе на страна на Израел, бидејќи палестинските власти одбија да се откажат од поддршката на тероризмот. Американскиот претседател Доналд Трамп го одобри економското ембарго на арапските држави против Катар поради финансирање на терористички организации, но воената соработка меѓу Катар и Америка продолжи.

„Пентагон има долгогодишни врски со Катар, што е важна основа за американската политика во регионот. Имаме контакти со американските воени команди и сме дел од воздушните напади врз ИДИЛ“, вели Адел Адбел Гафар, експерт на институтот „Брукингс“ во Доха, Катар.

Американските воени експерти обвинуваат дека претходната администрација на Барак Обама го намалила капацитетот на Америка за одбрана од напад со проектили од Северна Кореја и Иран, и бараат Трамп да го зголеми буџетот за проектите за одбрана од вселената и употреба на ласерски зраци.

„Мораме да развиеме капацитет за одбрана од напади со проектили од држави како Северна Кореја и Иран, и да имаме способност да се браниме од можна закана со проектили од Русија или Кина, преку изградба на одбранбени механизми против овие закани“, изјави генерал Треј Оберинг, пензиониран генерал на американското воено воздухопловство.

Американската надворешна политика кон Европа ги застапува трговските договори на американските компании, па неодамнешната казна на Европската Унија од над 2 милијари долари за „Гугл“ не наиде на добар одѕив во Вашингтон. САД се уште не ги укинуваат економските санкции кон Русија.

Иднината на американско-руските односи многу ќе зависи од првата официјална средба на Доналд Трамп и Владимир Путин на почетокот на јули.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ