Иванов на Самит на ПСЈИЕ во Дубровник

30.06.2017 10:49

Денеска претседателот Иванов ќе има обраќање на пленарна сесија на Самитот на земјите - учеснички во ПСЈИЕ и ќе оствари билатерална средба со претседателот на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ...

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска и утре ќе престојува во работна посета на Република Хрватска по повод учеството на Самитот на шефови на држави и влади на земјите - учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува во Дубровник.

Како што соопшти неговиот кабинет, денеска претседателот Иванов ќе има обраќање на пленарна сесија на Самитот на земјите - учеснички во ПСЈИЕ и ќе оствари билатерална средба со претседателот на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ.

Иванов утре ќе учествува и ќе се обрати на „Дубровник форум 2017“, што се одржува на тема „Јадранско-медитеранска соработка и безбедноста на Југоисточна Европа“.

На Самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ, чиј домаќин е Република Хрватска,  најавено е учеството на претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, и претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов.

Целта на оваа регионална иницијатива е преку јакнење на добрососедските односи и обезбедувањето на мирот во регионот, да овозможи побрзо приближување кон ЕУ и НАТО.