Медиумските реформи по теркот на Ван Хојте

30.06.2017 15:32

Доколку Владата го прифати предлогот на Здружението на новинарите на Македонија и другите медиумски организации за реформи во медиумите, ЗНМ ќе ја поддржи. Секое друго решение ќе биде оспорувано, изјави Селмани. Според Питер Ван Хојте меѓу клучните приоритети ќе биде владата да го поддржи рефомскиот процес на јавниот сервис, особено неговото финансирање.

Медиумските реформи да бидат меѓу приоритетите во реформскиот процес што го отвори Владата, порача европскиот експерт Питер Ван Хојте што на покана на Здружението на новинарите на Македонија дојде во земјава за да помогне во медиумскиот реформски процес. Предлогот на ЗНМ и другите асоцијации е всушност идентичен на оној што Ван Хојте им го понуди на политичките партии при Пржинскиот договор. Сега ЗНМ и другите медиумски асоцијации укажуваат дека ќе застанат само зад таквиот предлог. Сѐ друго ќе биде силно оспорувано, велат од таму.

„Застануваме зад тој предлог. Владата има волја тој предлог да го поддржи, и ако биде така, ние немаме никаква дилема да ја поддржиме, и да придонесуваме во рамките на нашите можности тие измени да се донесат што е можно побрзо“, рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Меѓу приоритетите Хојте го спомена најитно запирање на насилствата против новинарите и силна поддршка на владата за целосно расветлување на сите случаи како и прогон на лицата кои сториле такви дела. Хојте посочи дека главно реформата ќе се однесува на јавниот сервис, за неговото финансирање, кадровската екипираност и продукцијата.

„Веруваме дека појдовна точка за сите дискусии околу јавниот дифузер е една широка анализа на финансиските прашања, прашањата на песоналот и прашањата на продукцијата. Се чини дека Владата е согласна дека треба да се одвојат повеќе ресурси за да може добро да функционира јавниот радиодифузер. Силно сугериравме да одвојат најмлаку 1% од буџетот за поддршка на јавниот дифузер“, реќе Питер Ван Хојте.

Со реформите е опфатено и понагласената саморегулација како и евентуално уредување на порталите според правилник, а не со закон, посочи претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

 

Фиљана Кока