Кривичен суд: Се работи на сите предлози од СЈО

30.06.2017 16:16

Специјалното јавно обвинителство со нови докази и списи до Кривичниот суд за поднесените обвиненија. Се очекуваат одлуките за барањата за притвор. Од судот велат дека се постапува, но материјалот е обемен. Слично како и синоќа, нов протест, на луѓе кои сметаат дека одлуките на СЈО се политички мотивирани.

Судиите кои постапуваат во советите вложуваат напори да донесат одлуки во законски предвидениот рок, информираат од скопска единица. Веќе се распоредени сите предмети на СЈО, а судиите одлучуваат по барање на обвинителството за определување на мерки за претпазливост и притвор за дел од обвинетите.

Со оглед на фактот дека по донесување на одлуките, за сите предлози, истите треба прво да бидат писмено изработени и доставени до странките во постапката, по завршување на целокупната процедура, за која неможе да се предвиди колку време може да трае, јавноста веднаш ќе биде информирана за донесените одлуки на Кривичните совети– се вели во соопштението од судот.

Денеска истекува рокот на СЈО за поднесување на обвиненија. Најголемиот дел од доказите веќе се во судот. Останатиот дел, како што информираат од ова обвинителство, ќе бидат доставени пред истекот на рокот.

Специјалното обвинителство поднесе 17 обвиненија и побара притвор за 18 лица. Во овие предмети кои започнуваат на буквата „Т“ обвинети се вкупно 94-ца.

По вчерашниот протест пред судот, и денеска помала група демонстранти, овој пат со возила ја блокираа улицата. Бараат од судиите кои одлучуваат за притворите, да донесат објективна одлука и да не потклекнуваат под, како што велат, политички притисоци.

Меѓу останатите, специјалното обвинителство побара притвор или мерки за претпазливост за високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Анита Димитријевска