Иванов: Да се интензивираат интеграциите преку конкретни проекти

30.06.2017 17:01

„Регионот да се сврти кон себеси и да се интензивираат интеграциите преку конкретни проекти. Унијата да излезе со конкретни и опипливи дела за интеграциите“- ова е пораката на претседателот Иванов на Самитот на шефови на држави и на влади во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Тој, заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров е во Дубровник...

Доверба, солидарност и поддршка за регионот на Југоисточна Европа- во спротивно ќе се соочиме со анахронизмите на минатото, со влошување на процесот на интеграција во Европската унија и НАТО. Не смееме да се обвинуваме меѓусебно, туку да зборуваме за конкретни проекти, да не го блокираме европскиот интегративен пат. Ова се поентите од обраќањето на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на самитот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа во Дубровник, при што Хрватска го предаде претседавањето на Словенија во наредната година.

Европската унија не може декларативно да се залага за перспективи, туку треба да видиме конкретни дела и акции, рече Иванов, алудирајќи притоа и на острата реторика на некои политичари во регионот, кои не придонесуваат за реализацијата на добрососедството. И во овие моменти на глобална нестабилност, неопходно е стратегиско свртување кон себе си, истовремено да се внимава преку одржливи проекти, особено за младите, да не се украде иднината на сметка на стравот и недовербата, рече Иванов и потсети дека заканите од нови мигрантски бранови не се минато.

За заканите од тероризмот и насилниот екстремизам говореше претседателката на Хрватска, Колинда Грабар- Китаровиќ, која се заложи за целосна интеграција на земјите од регионот во Европската унија и во НАТО.

Претседателите и премиерите од ЈИЕ усвоија завршна Декларација во која се реафирмира засилената соработка, но и фактот дека без целосна интеграција на земјите- аспиранти, не може да има и целосна Европска унија.

На самитот учествуваат и министрите за надворешни работи на ЈИЕ, а шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, изутрината имаше билатерални средби, меѓу кои и со хрватската вицепремиерка, Марија Пејчиновиќ- Вулиќ.

Утре средбите на претседателот Иванов продолжуваат на Дубровник форумот, кадешто главен говорник ќе биде хрватскиот премиер Андреја Пленковиќ. Иванов ќе има уште едно воведно обраќање пред председателите на Црна Гора, Србија и Косово. Темата е не помалку значајна: Јадранско- медитеранска соработка и безбедноста на Југоисточна Европа.

 

Зоран Богатинов, специјален известувач од Дубровник за МРТ