Иванов: Балканот клучен за безбедноста на ЕУ
Најголемата закана за европската безбедност допрва доаѓа и итно е потребно да ѝ се посвети внимание, рече претседателот Иванов во своето обраќање на форумот во Дубровник. Според него, интеграцијата на Балканот како целина не е само важна, туку е неопходна за долгорочен мир, стабилност и безбедност во регионот.

Интеграцијата на Балканот е клучна за безбедноста на Европската Унија, таа мора да го забрза овој витален елемент на долгорочна стратегија. Стабилни земји ги штитат југоисточните граници а најголемата закана по безбедноста доаѓа допрвин за Европа, истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов посочувајќи на илјадниците странски борци од Балканот кои учествуваат во борбите на Блискиот Исток.
„ЕУ и НАТО мора да испланираат превентивни мерки против повратниците насочени не само кон нивните земји членки, туку и кон не интегрираниот дел од Балканот“, нагласи претседателот Иванов.
Балканските земји сеуште не интегрирани во Унијата се потенцијален Тројански коњ кој е пред портите на Европа, укажа шефот на македонската држава.
„Не интегрираните земји од Балканот претставуваат безбедносен јаз во еден многу ранлив дел на Европа. Балканот како регион веќе има сопствени предизвици кои многу лесно може да предизвикаат нестабилност дури и без надворешно влијание: етничка и религиозна разноликост, историски судири, неодамнешни конфликти, невработеност, сиромаштија, корупција и организиран криминал. Сето ова, во комбинација со постојано присутниот национализам, етноцентризам, ксенофобија, а од неодамна и исламофобија, покажува дека Балканот ги има сите потребни состојки, кои терористичките групи може потенцијално да ги искористат за да ја подријат Европа посредно и од внатре“, истакна претседателот Иванов во обраќањето на Дубровник форумот.
Индоктринација и инфилтрацијата на терористите од транзитни кампови за обука на Балканот се постојан предизвик за Европа за нејзина нестабилност, рече Иванов кој на Форумот како и на вчерашниот Самит на Југоисточна Европа беше придружуван од шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Зоран Богатинов, специјален известувач од Дубровник за МРТ
