Нимиц во Скопје на разговори со државниот врв

01.07.2017 12:09

Нимиц доаѓа во Скопје на покана на македонската Влада со цел да се дискутира за начините за постигнување напредок во разговорите со посредство на ОН...

Специјалниот претставник на Обединетите Нации во разговорите меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц од денеска до 4 јули ќе престојува во Скопје на разговори со македонскиот државен врв за можностите за решавање на спорот за името.

Нимиц доаѓа во Скопје на покана на македонската Влада со цел да се дискутира за начините за постигнување напредок во разговорите со посредство на ОН за изнаоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името.

Во соопштението се додава дека на покана на Владата на Република Грција, предвидено е Нимиц да замине за Атина.

Метју Нимиц на крајот на минатиот месец, во интервју за грчки весник, изјави дека решавањето на прашањето за името треба да биде високо на агендата на новата Влада во Скопје. Истакна дека очекува да започнат сериозни разговори за решавање на проблемот кој постои меѓу Скопје и Атина. Решавањето на овој проблем, според него, може да помогне да се надминат и други проблеми во регионот.