Саудиска Арабија и сојузниците го продолжија ултиматумот за Катар за 48 часа

03.07.2017 10:42

Шефот на дипломатијата на Катар, Мохамед бин Абдурахман Ал Тани претходно изјави дека Доха е подготвена за преговори, но не за барањата со кои би се нарушил суверенитетот на Катар.

Саудиска Арабија и трите сојузнички земји кои ги прекинаа врските со Катар поради наводна поддршка на исламистичките групи и подобрувањето на односот со Иран одлучија да и дадат на Доха уште 48 часа за прифаќање на нивните услови.

Кувајт, кој посредува во решавањето на заливската криза, добил одговор од Катар за листата со 13 барања, но медиумите не конкретизираат дали е одбиен или прифатен ултиматумот.

Шефот на дипломатијата на Катар, Мохамед бин Абдурахман Ал Тани претходно изјави дека Доха е подготвена за преговори, но не за барањата со кои би се нарушил суверенитетот на Катар. Мерките вклучуваат и укинување на медиумската мрежа Ал Џезира и на турската воена база во Доха.

„Катар минува низ сериозни политички турбуленции кои влијаат врз националните интереси на сите земји во регионот. Овие услови не‘ изненадија многу и сметаме дека немаат никаква основа. Признаваме дека Катар се соочува со проблеми и предизвици во однос на борбата против тероризмот, но тоа не е случај само кај нас. Овој феномен е проблем за целиот регион и ние се обидуваме да го елиминираме заедно, преку билатерална или мултилатерална соработка“, изјави Ал Тани.

Министрите за надворешни работи на Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин закажаа состанок за дипломатската криза кој ќе се одржи в среда во Каиро. Германскиот министер за надворешни работи Зигман Габриел е во посета на три земји во Персискиот Залив и побара решавање на регионалниот спор.