Нимиц: Не очекувам драматичен напредок, туку придвижување на процесот

03.07.2017 12:33

Во наредните месеци не очекувам драматичен напредок во однос на прашањето за името, туку придвижување на процесот преку засилени контакти меѓу Македонија и Грција, истакна медијаторот Метју Нимиц. Потврди дека нема да оди во Атина. Нимиц претпладнето се сретна со премиерот Заев и со министерот за надворешни работи Димитров...

По три години Нимиц повторно се ангажира за надминувањето на разликата за името меѓу Македонија и Грција. Според медијаторот Нимиц, по средбата и со премиерот Заев и со министерот за надворешни Димитров согледал дека има отвореност за решавање на прашањата со соседите и за создавање проактивна клима во регионот. Иако нема нов предлог, постојат нови намери, вели посредникот, што е важно за Македонија, но и за Обединетите нации.

„Не разговаравме за нови, конкретни концепти за имињата, не дојдов со нов предлог, и владата не поднесе некакви дефинитвни гледишта. Разговаравме за процесот и за засилените релации, за генералната позиција на влатата да биде отворена за соседите и да ги решава проблемите во регионот“, изјави медијаторот Нимиц.

Тој ќе ја презакаже средбата во Атина поради презафатеноста на грчкиот премиер Ципрас со преговорите за обединувањето на Кипар. И двете држави треба да размислуваат сериозно, а за евентуалната нова состојба треба да се види како таа ќе се развива, вели Нимиц. Иако пред неколку дена изјави во интервју за еден медиум дека треба да се исфрли анахронизмот „Југословенска“ од референцата, Нимиц смета дека привремената спогодба е сѐ уште во сила.

„На привремената спогодба, работев на неа пред многу години, таа функционира за повеќето причини, во сила е, и двете земји треба да ја простудираат како што тоа и го правеа досега“, изјави Нимиц.

На средбата во владата, премиерот Заев укажал на определеноста за решавање на проблемите на граѓаните. Овој процес ќе биде воден исклучително јавно, посочил премиерот, со државен консенсус, со опозицијата, со претседателот на државата и со македонските граѓани, се вели во соопштението од Кабинетот. Притоа се нагласува, новиот импулс на добрососедските односи е еден од условите за евроатлантските интеграции.

 

Зоран Богатинов