Доха има уште 48 часа да ги прифати условите на Саудиска Арабија и сојузниците

03.07.2017 12:48

Продолжен ултиматумот за Катар. Доха има уште 48 часа да ги прифати условите на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Египет и Бахреин. Заливските земји го обвинуваат Катар за поддршка на тероризмот. Катарскиот министер за надворешни работи е во посета на Кувајт, а одговорот за барањата ќе биде познат на состанокот во Каиро закажан в среда...

Саудиска Арабија и трите сојузнички земји кои ги прекинаа врските со Катар поради наводна поддршка на исламистичките групи и подобрувањето на односот со Иран решија да и дадат на Доха уште 48 часа за прифаќање на нивните услови. Кувајт, кој посредува во решавањето на заливската криза, добил одговор од Катар за листата со 13 барања, но медиумите не конкретизираат дали е одбиен или прифатен ултиматумот. Шефот на дипломатијата на Катар Мохамед бин Абдурахман Ал Тани претходно изјави дека Доха е подготвена за преговори, но не за барањата со кои би се нарушил суверенитетот на Катар.
 
„Катар минува низ сериозни политички турбуленции кои влијаат врз националните интереси на сите земји во регионот. Овие услови не‘ изненадија многу и сметаме дека немаат никаква основа. Признаваме дека Катар се соочува со проблеми и предизвици во однос на борбата против тероризмот, но тоа не се случува само кај нас. Овој феномен е проблем за целиот регион и ние се обидуваме да го елиминираме заедно, преку билатерална или мултилатерална соработка“, изјави министерот Ал Тани.
 
„Подготвени сме да ја браниме земјата. Се надевам дека нема да стигнеме до етапа на воена интервенција. Но подготвени сме. Секојдневно ќе работиме на тоа“, изјави Калид Мохамед Ал Атијах, министер за одбрана на Катар.
 
Мерките вклучуваат и укинување на медиумската мрежа Ал Џезира и на турската воена база во Доха.
 
„Барањето ни е чудно на сите. Се зборуваше и порано за ваква опција, но шокиран сум зашто сега е во писмена форма. Ова е како Германија да бара од Британија да ја затвори Би-Би-Си. Апсолутен апсурд“, изјави Жил Трендл, в.д. директор на Ал Џезира.
 
Министрите за надворешни работи на Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и на Бахреин закажаа состанок за дипломатската криза кој ќе се одржи в среда во Каиро. Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел е во посета на три земји во Персискиот Залив и побара решавање на регионалниот спор.
 
Маја Филдишев